Анти-марксизмот на Ленин и ленинистите
февруари 23, 2010 од peoplesfriends

Во цел свет вообичаено е сфаќањето дека „социјализмот пропаднал, бидејќи капитализмот се покажал стопански помоќен од него“, дека „социјализмот го уништиле ЦИА и другите тајни известувачки служби на развиените капиталистички земји и низ други нонсенси кои не можат да издржат никаква сериозна критика. Ништо од тоа не е вистина. Таквите дрдорења се само доказ колку општествените интелектуалци „се разбираат“ во наука. Докази:
1) Маркс и Енгелс тврдат дека во социјализмот не се произведуваат разменски вредности и дека не постојат пари. Таквото тврдење е сосема разбирливо, бидејќи произлегува од фактот што средствата за производство се во општествена сопственост и нема потреба за приватна размена. Постои само планско производство и дистрибуција. А целиот механизам на размената преку пазар и со пари се става во музеј. Во случајов некој ќе приговори дека Ленин морал така да постапи, бидејќи земјата е потполно порушена и уште е во војна. Токму и поради тоа се применува „воен комунизам“ кој го спроведуваат сите стратези откога постојат војни и кој не е Ленинов изум. Тој е многу порационален од капиталистичкото стопанисување за кое Маркс вели: „Зад најцицијашкото работење на секој стоковен производител, стои најрасипничко работење во општествени рамки“.
2) Ленин конципирајќи го стопанството на младата Советската Република, која уште е во граѓанска војна со разни контрареволуционерни сили помагани од надвор на секој можен начин, изјавува во 1921 година: „Да, ние развиваме капитализам, но тоа не е опасно, зашто власта останува во рацете на работниците и селаните, додека сопственоста на спахиите и капиталистите не се реставрира“. „Власта во рацете на работниците и селаните“ не може да направи ништо против стоковното производство. Мора уште и да го помага. И ова тврдење на Ленин потполно е произволно и во спротивност на Маркс-Енгелсовите ставови. Истото претставува поништување на сите тековини на Октомвриската револуција. Зачудувачки е како тоа не го виделе „теоретичарите“ на марксизмот и „социјализмот“ и дозволиле до денес да опстојува сфаќање дека „ленинизмот е спроведување на марксизмот во пракса“, а Ленин го прилепуваат до Маркса и Енгелса како трет авторитет во марксизмот. Тој е всушност поништувач на марксизмот кој го отфрла од пракса и ги негира Маркс-Енгелсовите научни анализи;
3) Од тогашните издадени Маркс-Енгелсови дела, Ленин морал да увиди дека во социјализмот не е потребно стоковното производство. Затоа може во потполност да се тврди дека тој е или многу лош познавач на марксизмот или многу слаб логичар кога си дозволува такви искази, како наведениот;
4) На Единаесеттиот конгрес на РКП(б) Ленин ќе си дозволи пред очите на цел свет да изјави во завршниот говор: „Никаков Маркс и никакви марксисти не можеа да предвидат дека пролетеријатот ќе се здобие со власт во една од најнеразвиените земји…“ што воопшто не е точно. Маркс и Енгелс на многу места – најмалку 10 – „предвиделе дека пролетеријатот ќе се здобие со власт во една од најнеразвиените земји“. А, впрочем и Ленин со својата студија „Развој на капитализмот во Русија“ докажува дека „капитализмот е доволно развиен во Русија“ и дека понатамошниот капиталистички развој мора да биде спречен бидејќи е штетен по општеството. А ако не е така, зошто воопшто ја повел, заедно со своите сопартијци, Октомвриската револуција!
5) Во истиот говор Ленин изјавува: „Нашиот сегашен државен капитализам не е оној за којшто пишуваат Германците. Тоа е капитализам што ние го дозволивме…“ „Германците“ се Маркс и Енгелс. А на Ленинова жалост, тие, иако не сакале ништо да предвидуваат, „предвиделе“ многу работи, само што Ленин не сакал да чита. Во таа смисла не прочитал од „Бедата на филозофијата“ дека Маркс вели: „Кој со категориите на политичката економија ја гради зградата на некој идеолошки ситем, тој ги разединува членовите на општествениот систем. Тој тогаш секој член на општеството го претвора во посебно општество, а потоа тие истапуваат едно по друго“. Ленин не кажува како во „капитализмот што тие го дозволија “ и во кој, сепак, „секој возрасен човек е посебно општество“, ќе се постигне единство на делувањето? Не прочитал, или не ставил на ум, од „Капиталот“ каде стои: „Во било какви услови да е произведен производот кој во промет влегува како стока.. тој мора да ги помине формите и облиците кои него (прометот) го пратат“ и притоа да донесе добивка или загуба. Тоа е онаа „математика“ што е против сите „теоретичари“ на „марксизмот и социјализмот“, па соодветно и за Ленин, која ја докажува нивната неспособност за размислување.
Нема потреба да се наведуваат сите изјави на Ленин кои ја докажуваат неговата неспособност да разбере некои основни работи од марксизмот. Еклатантен е случајот со објаснувањето на НЕП каде вели, во една реченица на четири места, дека „производот на државата – производот на социјалистичката фабрика … не е стока во политичко–економска смисла, во секој случај не е само стока, не е веќе стока, престанува да биде стока“, а во продолжението на реченицата завршува со: „На стоковната размена сега треба да се обрне главно внимание…“ Ако „производот на социјалистичката фабрика не е стока“ како може тогаш „на стоковната размена да се обрне главно внимание“. Историјата до денес не познава случај на „стоковна размена“ за не-стока.
Може некој да го смета кажаното за обид да се „помрачи“ славата на Ленин, но очигледно е дека тој сам си ја помрачил. Тој е историска личност и за неговите дела колку сме должни да зборуваме со пиетет, како научници сме должни, без било какво премолчување, да ги откриеме сите оние причини, кои доведоа до неоснована компромитација на марксизмот и неточно сфаќање дека социјализмот пропаднал. Впрочем докажано е и со историски податоци дека „после три негации не е можна афирмација“ што го потврдува развојот на општеството до денес. Тоа не обврзува дека појавите и процесите мора научно да се анализираат, а не привидот да се зема за вистина и тогаш да се искажуваат тврдења кои никако не може да бидат вистинити. Да, во право е Енгелс кога вели: „Здравиот човечки разум, колку и да е достоен другар за почитување додека останува во домашната област на своите четири ѕида, доживува сосема чудни авантури штом се охрабри да тргне во далечниот свет на научното истражување“. Тоа го вели Енгелс за општествените науки.
А еве што вели Ајнштајн за „здравиот човечки разум“: „Здравиот разум во физиката одведува во заблуда бидејќи изјавите на здравиот разум за такви прашања може да бидат само израз на општата предрасуда, која не може да се одржи под строгото испитување и која тогаш мора да биде откорната доколку треба да се осигури прогрес на научната мисла“. Значи, ни во егзактните науки не може да се потпреме на „здравиот човечки разум“. А колку „убаво“ вели истиот :„Беспари ништо не се може“ или „Колку пари имаш толку вредиш“. Да, но само во капиталистичко општество кое, сепак, не може да ги издржи, не само критерумите на строгото научно испитување, туку ни критериумите на „здравиот човечки ум“ не може да разбере зошто е потребно уништување на огромни количества производи само за да им се одржи продажната цена. А во исто време, на друга страна постои огромна потреба за тие производи, но „побарувачката не е платежно способна“. Колку „паметен“ изговор!

Ако тој „здрав човечки разум“ е оспособен со проучување на одредена литература за апстрактно мислење, ако своите заклучоци може да ги поткрепи со маса историски податоци кои индицираат потполна исправност на заклучокот, тогаш „здравиот човечки памет“ е на прав пат. Но, кога тој памет нема друг инструментариум освен малограѓанските илузии за парите, пазарот и стоките – тогаш нека не го соопштува гласно и јавно своето мислење, бидејќи или ќе биде исмеан или ќе ги одведе луѓето на погрешен пат. Како Ленин во овој случај.
Лазар, Пријателот на Народот