
Сосема е јасно дека капитализмот одамна е мртов. Маркс тоа одамна го објаснил и докажал во Капиталот, којшто во тоа време е наречен „Библија на работничката класа“. А по Марксовите зборови претставуваше „научна победа на пролетеријатот“. После тоа, во светот се беше развило толку силно работничко движење што капиталистите и нивните слуги (разни интелектуалци, но и полиција, агенти, војска, свештенство и судии и адвокати), иако користеа разни средства и начини да го сузбијат, не успеваа во тоа. И притоа се користеа секакви методи со кои се газеше секаков закон и етика, за успехот на буржоазијата беше дозволено сè, па и сотирање на цели семејства ако во нив се негуваа сфаќања и знаења за комунизмот. Но, напорите на буржоазијата беа безуспешни.
Разни квазинаучници од општествените „науки“ уште во времето на Маркс користеа секаква можност да го компромитираат марксизмот со пишување разни измислици. Сите тие, како слуги на буржоазијата, да беа прочитале дел од Маркс – Енгелсовото творештво и, се разбира, да имаа и дела од интелектуалните способности на тие двајца, за да го разберат прочитаното – никогаш немаше да напишат ниту зборче од глупостите што ги пишувале во прилог на буржоазијата, напаѓајќи го Маркс. Но, како што вели Шопенхауер: „Чиј леб јадам неговата песна ја пеам“, апологетите на буржоазијата мораа да бидат доследни. Притоа не се почитуваше никаква принципиелност, никаква научна вистина, никаква етика. Беше доволно некој да помисли за нешто дека Маркс „погрешил“ и, ќе се публикуваше сè што ќе напишеше тој „научник“, без било каква проверка. Илустративно е за тоа пишувањето на берлинскиот лист „Concordia“, орган на Сојузот на германските фабриканти, во кој на 7 март 1872 година е даден напис за наводното „злонамерно и тенденциозно“ цитирање од страна на Маркс на говорот на лордот Гледстон во Долниот дом во врска со буџетот. (Види: Предговор за четвтото издание на Капиталот.)
Една работа не е јасна. Никој и никогаш, освен во квазисоцијалистичките земји, не ставил никаква забрана за популаризирање, не само на Бем-Баверковите дела туку и на делата на Мизес, Хајек и сите слични, па сепак, со тие дела не се постигна ништо во очувувањето на капитализмот и неговата реанимација. „Инфузијата“ што му ја даде падот на квазисоцијализмот траеше многу кратко. И денес кога капитализмот нема никакви организирани противници, кога е единствена владејачка доктрина на економскиот развој на сите земји во светот, на него пак не му оди. И сега, некој „плиткоумни букови балвани“ (Изразот е Марксов. Се „извинуваме“ во негово име на тие што ги погодува) настојуваат со публикување на некои дела на Бем-Баверк, Мизес, Хајек и слични да постигнат оживување на истиот и да „спасат што може да се спаси“. Идиотизам. Зошто се залажуваат себе, а го лажат и народот. Зошто не вложат малку напор да разберат нешто од она што го напишале Маркс и Енгелс и да увидат дека после нив сите „научници“ од економијата, политиката, правото, филозофијата, одбраната, социологијата, историјата, логиката се „научници“ само за свое ухлебение. Опшштеството нема никаква корист од нив. Тие се катастрофа, „жив песок“ (Ј. Корубин) за општеството.
И по смртта на Маркс разни пискарала се обидуваат да стекнат слава напаѓајќи го за „безобѕирност, недокажани претпоставки, самопротивречности и слепило кон фактите“ (Бем-Баверк)[1]. Дури се тврди за него дека е, со другите социјалисти, „способен критичар, но слаб теоретичар“.
Кога човек ќе ги прочита таквите тврдења ќе утврди дека авторите на истите или не прочитале сè докрај или прочитаното не го разбрале затоа што нивните знаења се или површни или само малограѓански илузии.
Мора да се одговори на тоа. Додуша Бем-Баверк ни ги врзува рацете кога поставува услов велејќи: „Не цитати од авторитети; не протестирање и догматизирање на фрази“, но ние ќе мора и да ги цитираме нашите авторитети, и да протестираме против глупавото пишување на Бем-Баверк, а и да „догматизираме фрази“ од Маркс и Енгелс бидејќи тие се единствени вистински научници од општествените науки. И марксизмот на истите е единствена општествена наука без која општеството не може да оди напред. Мора да протестираме кога некој без докази тврди дека Марксовите научни искази се фрази, а од своите фрази коишто се само голи тврдења и малограѓански заблуди, настојува да прави „научни вистини“.
„Совесноста и сериозноста“ кај Маркс се „се во суштината на работата“ и тоа е онаа што не’ тера да кренема глас против сите оние дабови глави кои воопшто не постапуваат „совесно и и сериозно во суштината на работите“.
Така е и со Бем-Баверк кој, како мало дете, ги сфаќа парите како средство за размена, но никако не ја разбира размената. Тој убаво вели: „Еден човек ја продава стоката што ја поседува …за да купи … друга којашто му треба за неговите лични цели. Овој курс на промет може да биде прикажан со формулата Стока – Пари – Стока. Почетната и завршната точка на прометот е стока…“. Но, овој дел од реченицата го побива со продолжението „…иако двете стоки се од различни видови“. А зошто се „од различни видови“? Затоа што, како што вели Маркс:
„Стоката која го напушта прометот престанува да биде разменска вредност и постанува употребна вредност, како таква се троши према својата природа. Со тоа прометот е завршен. Не преостанува ништо друго освен циркулационото средство како едноставен резидуум“[2].
Бем-Баверк е слеп и глуп да увиди дека Маркс кога вели „ја апстрахираме употребната вредност на стоката“ тоа го вели не само од методолошки причини туку и за тоа што употребната вредност не е важна ниту за сопственикот на фабриката, ниту за наемниот работник, па ниту за трговецот. Таа е важна само за крајниот потрошувач. А, тој е учесник само во прометот на мало. Тоа се гледа од овие Марксови зборови, кои може некому да изгледаат навредливо, но кога некој не сака да разбере нешто, тогаш кон таквиот се употребуваат средства и методи коишто или ќе го натераат да разбере, или да не се меша во тоа што не го разбира. Расправајќи за производствен и непроизводствен труд и за работниците вработени во производство на некои луксузни стоки, Маркс вели:
„Факт е дека тие работници, навистина, се производни во колку го зголемуваат капиталот на својот господар, но тие се непроизводни со обзир на материјалните резултати на своето работење. Навистина тој „производствен“ работник е всушност толку заинтересиран за гомнаријата што мора да ја произведува, колку и самиот капиталист кој го користи работникот и на кој исто така му се свирка за тие трици“[3].
И врз основа на што Бем-Баверк вели дека Маркс не е во право кога апстрахира од употребната вредност на стоките! Само врз основа на својата плиткоумност и неспособност да го разбере.
Беаверк му импутира на Маркс „логички софизми од најголем вид“, „погрешност во аргументите“, „погрешно заклучување“ и уште многу други работи кои кај Маркс не може да се најдат макар да ги бараат сите бембаверковци на светот и тоа со телескопи „од најголем вид“. Маркс убаво објаснува уште во Предговорот за првото издание на Капиталот што е предмет на неговото истражување. Тоа истото се гледа и од секој напишан ред во многу негови дела. Предмет на неговото истражување е „формата на вредноста што добива готов лик во паричната форма“ која „е мошне безсодржинска и проста“ а во која „сепак човечкиот дух повеќе од 2000 години залудно се обидувал да проникне“, иако, „од друга страна, тој успеал барем приближно да анализира многу посодржински и сложени форми“. И, зарем Бем-Баверк, како и оние кои го користат, не гледаат дека за да се реши тој проблем е потребно нешто друго, способност за апстрактно размислување, а не малограѓански заблуди и илузии. И затоа што Маркс се користи со апстрактно размислување, Бем-Баверк го обвинува за „логички софизми од најголем вид“. Идиотизам од „најголем вид“ кој претендира да се бави со наука. И каква донкихотерија – да го побива Маркс!
Бем-Баверк цело време докажува со „оперско претпријатие со три славни пејачи“ дека Маркс не бил во право. (Во која ли тоа земја суштината на стопанството ја одредуваат оперските претпријатија „со три славни пеачи – тенор, бас и баритон“?!) И откога Бем-Баверк ќе „одговори“: „ Во однос на платата еден добар глас вреди точно онолку колку другиот …под услов … тоа да биде во соодветен сразмер“. (А пред тоа вели дека платите им се еднакви, „од по 1.000 фунти“.) И од таа своја конструкција тој заклучува: „Погрешноста на овој аргумент е јасна. Но, во исто време е јасно дека Марксовиот заклучок, од којшто ова е точно копирано, не е ни малку повеќе точен“. „Аферим“ за Бем-Баверк и за оние што го користат да ги докажат „грешките“ на Маркс! Тој од Марксовиот заклучок копира премиса „со три оперски пејачи“ и врз основа на тоа заклучува дека „Марксовиот заклучок … ни малку не е повеќе точен“. „Она што не си загубил го имаш? Да. Рогови не си загубил, значи имаш рогови!“ И оваа не е софизам? Бем-Баверк прави намерно грешки кои не смее ни да ги помисли – тој го остава битното (стоките и стоковното производство) и се фаќа за небитно (оперските пејачи и нивните гласови) И што докажува со тоа? Истото што и Маркс, дека употребната вредност не е битна за одредувањето на вредноста на стоките. Но, важен е „заклучокот“ (кој нема врска со правилното заклучување): „Марксовиот заклучок ни малку повеќе не е точен!“
Од пејачите и нивните гласови „кои не се причина во однос на платите“, се разбира, тие се еднакви, „по 1000 фунти“, Бем-Баверк прави скок и заклучува: „И токму така е со разменските вредности на стоките“. Каква „логика“, таква „аналогија“.
Напред докажано е дека ниту на сопственикот на фабриката, ниту на наемниот работник, па ниту на трговецот не му е гајле за употребната вредност на стоката. Таа постои само за крајниот корисник (МЕД 19/154). А што трговецот мора да води сметка за тоа, тоа не е доказ дека употребната вредност е релевантна за одредување на разменската вредност на стоките. Крајниот корисник, кој не е учесник во размената на големо, не одлучува за разменската вредност на стоките. Како тоа не можат да го разберат сите тие дрекавци кои се враќаат назад по Бем Баверк, Мизес, Хајек и кој се не знам уште, заборавајќи дека историјата нив ги отфрлила.
„Двете крајни точки во формулата Стока-Пари-Стока се стока (С)“. Но, во размената на големо „господо“, Бем-Баверковци! Запамтете го тоа еднаш засекогаш и не срамотете се со повикување на вашите авторитети кои не знаат да мислат. Во „размената“ на ситно тоа не е така. Во неа продавачот добива нешто апстрактно – разменска вредност – и затоа тој сега мора да го бара тоа што му треба, значи употребна вредност, и да ја купи. Купувачот купува употребна вредност. „Размената е завршена кога и двете страни учеснички во истата имаат во рацете употребни вредности“. Не разбирајќи го тоа Бем-Баверк вели: „И двете стоки се со иста цена, иако се од различен вид“. А зошто се од „различен вид“? Затоа што се различни употребни вредности. Би било бесмислено да се разменуваат исти употребни вредности. Но, кога некој, од нечесни побуди, не сака да ја користи терминологијата што ја створил Маркс, му се случува да ја покаже својата глупост таму каде што тој мисли дека изрекол мудрост. И после тоа Бем-Баверк „триумфално“ извикува: „Маркс повторувачки признава дека не може да се игнорира употребната вредност“. Да, „не може“, но да му се докажува тоа на Маркс е исто како на врвен хемичар, средношколец да му докажува дека водата се состои од два атома водород и еден атом кислород.
Уште поглупо е тврдењето на Бем-Баверк дека „Маркс погрешил што рекол дека ако употребната вредност е игнорирана, останало во нив уште едно заедничко својство, дека се производ на трудот“. И сега развива „филозофија“ дека „постои својство на стоките што ги прави ретки во однос на побарувачката“. Не се задржуваме на докажување на плиткоста и несериозноста на ваквите тврдења.
Лекоумниот Бем-Баверк му припишува на Маркс „лекоумност во тврдењето и безобѕирност во објаснувањето“. Навистина на припадниците на Австриската психолошка школа, за кои вредноста се одредува на разни начини, за нив секој залак има посебна вредност – највреден е првиот, се разбира ако сте гладен, може да им изгледа „лекоумно и безобѕирно“ Марксовото „тврдење и објаснување“, но кога некој е толку тапоглав да не може да сфати кога доаѓа до израз употребната а кога разменската вредност, мора човек према нив да биде „безобѕирен“ и да ги спречи да се мешаат таму каде што не знаат што ги чека.
Бем-Баверк да докаже дека Маркс не е во право со тврдењето дека вредноста на стоките се одредува со општествено потребниот труд содржан во нивното производство, зема „аргументи“ како „неупотребувана земја“, „рудници на злато“, „пластови јаглен“ и „стогодишен даб“ кои „не се производ на човечки труд а имаат голема разменска вредност“. И „триумфално“ извикнува: „Обидот на Маркс … дедуктивно целосно пропаднал“. Што да каже човек за ова бесмислено дрдорење, кое претендира на високоученост! Зошто Бем-Баверк не зел да прочита од првиот том на Капиталот во глава 25 под заглавие Модерната теорија на колонизацијата, и таму да видел додека „неупотребуваната земја“ не била монополизирана од страна на државата немала воопшто „разменска вредност“ и луѓето можеле да ја присвојуваат колку што сакале. Заради тоа пропаднале многу капиталисти бидејќи немале „слободна наемна работна сила“ која ќе ги стави во погон нивните фабрики. Слободните колонисти повеќе сакале да одат на Западот и таму да бидат слободни фармери отколку наемна работна сила во источните држави. И за да се спречи тоа капиталистите ја принудуваат владата на САД да ја монополизира земјата и ја продава по одредена цена со што ќе ги принуди слободните имигранти со наемна работа кај капиталистите да заработат пари со што ќе можат да ја купат потребната земја од владата. Да, „на овој готов свет на капиталот политичкиот економист ги применува претставите за правото и сопственоста на преткапиталистичкиот свет, и тоа со толку посилна ревност и со толку поголемо подизуркување, колку што повеќе се испречуваат фактите против неговата идеологија“[4].
И златото и јагленот и стогодишниот даб како може да имаат разменска вредност додека се надвор од циркулацијата, одн., во состојба да не се преработени во форма со која може да циркулираат. Аргументи да, но не против Маркс, ами против Бем-Баверк.
Сите „аргументи“ на Бем-Баверк се од типот на „ретки стоки“, „производи од квалификуван труд на скулптори“ и „оперски пејачи“. Навистина, да се послужиме со зборовите на самиот Бем-Баверк: „Наивноста на овој теоретски трик е“ потполно „затупувачка“. И заглупувачка до бескрај. Покрај илјадниците страници што Маркс ги испишува за капиталот, вредноста, трудот, производството, рентата, профитот, отуѓувањето и уште безброј други, Бем-Баверк нашол да го побива Маркс со три пејачи, еден воз, шише вино и еден даб[5]. Ајде сега нека каже некој дека тоа е сериозно. И со кој ум некој го препечатува Бем-Баверк како авторитет во науката!
Штета што Бем-Баверк не живее денес бидејќи гаќичките на Мерилин Монро и пиштолите на Џон Вејн, кои што Холивуд ги „пласира“ на пазар, ќе ја докажеа исправноста на неговото „побивање“ на Маркс. Во буржоаското (граѓанското) општество отсекогаш имало бројни будали со длабоки џебови кои се спремни да фрлат огромни пари за никакви работи. И отсекогаш постоеле измамници од секаков тип кои се спремни на секого да му го „продадат“ и жив Исус Христос само ако има доволно пари да плати за тоа. Пред неколку недели весниците пишуваа дека некој Американец го купил „носот“ на Конкорд – францускиот надзвучен патнички авион, за неколку стотини илјади долари со мотивација дека парите се наменети за хуманитарни цели. Зошто не ги дал парите без да го зема она ѓубре. Ама што рече еден млад човек на Антикапиталистичката конференција: „Не е логично во капитализмот да се бараат логични работи. Во него сè е нелогично“. Да, а „граѓанското општество е општество на огромни можности“.
И на крај, како сосема би го „докусурил“ Маркс, Бем-Баверк го исфрла својот најголем „аргумент“: „Марксовата теорија, земена како целина, е немоќна да одговори на еден важен дел од феноменот профит. Во кој час од работниот ден работникот почнува да го создава вишокот на вредноста кој што во виното е инкорпориран…?“ „Марксовата теорија земена како целина“, Бем-Баверк не ја ни погледнал, што е огромна срамота за еден универзитетски професор и министер за финансии. Навистина, „залудно против глупостите војуваат и боговите“. Нема да го цитираме Маркс, бидејќи така бара Бем-Баверк, иако Маркс при објаснувањето на трудот и неговото „протегање на природните процеси“ разликува време на производство кога трудот директно делува на производот и време кога трудот не делува повеќе на производот, но производството уште трае бидејќи се остава нужните природни процеси да го направат своето[6]. Тоа Бем-Баверк можел да го разбере дури и при најобичното земјоделско производство каде директното делување на трудот трае кратко време, но процесот на производство трае со месеци. Или со години, ако се послужиме со неговото вино. Во таа смисла тој можел да праша и во кое зрно пченка има профит а во кое не, кога, ете, аргатот го завршил копањето на пченката додека била уште млада а берењето го извршил газдата кој не сакал да плаќа наемен работник. Божем да го фати Маркс во замка, Бем-Баверк ја покажува својата неспособност за елементарно мислење и сфаќање на работите. Тој производството на вишокот на вредноста го смета како посебен дел од работниот ден, а не како резултат на целото работно време. Значи, соодветно на тоа би можеле да разликуваме стоки со вишок на вредност и стоки без вишок на вредност. Тоа е логичен заклучок на одговорот на прашањето во кој час од работниот ден… Навистина бесмислици до бесконечност. Ограничениот буржоаски ум е способен за секакви глупости иако е тоа ум на универзитетски професор и министер за финансии во владата на Австрија.
Нема дел од работното време кога се врши препроизводство само на елементите кои учествуваат во производството и дел на време кога се врши стварање на вишок на вредноста одн. профит. Во секој момент се врши целокупно производство на вредноста заради што и сите произведени парчиња имаат иста вредност.
Бем-Баверк, Мизес и Хајек го завршиле своето, иако несовесно и нечесно. Да се критикува некој, а да не се прочита што тој кажал за истиот предмет, или да не се разбере кажаното, зарем треба поголем доказ дека таквата критика е неоснована, пристрасна и тенденциозна. Не ни останува друго освен на таквите симпатизери на сеништата од минатото да им порачаме да прочитаат што кажале Маркс и Енгелс за одредено прашање. Ако не се согласуваат со нив нека прочитаат колку и тие, па нека ги критикуваат. А вака, само да се тврди дека Маркс не бил во право, без аргументирано докажување, тогаш и ние, кои се воодушевуваме на начитаноста, размислувањето и исправното разбирање на појавите од страна на Маркс и Енгелс, ќе си дозволиме и поостро да реагираме. Па, нека тогаш тие кукаат дека „безобѕирно“ се одговара. Да се има обѕири за незнаењето, а да не се гледа знаењето, зарем е тоа научно разгледување на работите?
Нема потреба понатаму да се докажува безвредноста на Бем-Баверковото „аргументирање“. Ќе завршиме со неговите зборови: „Не е можно да се најде место со толку грешки, безобѕирности, недокажани претпоставки, самопротивречности и слепило кон факти. Светот одамна ќе расчистеше“ со глупоста на такви идиоти (Бем-Баверк и другите) ако и сам прочитуваше нешто од Маркс и Енгелс. А колку за поука на апологетите на буржоазијата во ликот на Бем-Баверк, Мизес и Хајек и разните недоквакани „научници“ што се воодушевуваат од нив. Ласал никако не смее да се става во иста торба со Маркс и Енгелс. Тие двајцата се научници, а Ласал е фигура која се наметнува на работничкото движење во Германија и му има нанесено повеќе штета отколку самиот Бизмарк. Така велат тие двајцата, а ние, Пријателите на Народот, повеќе веруваме на еден нивни збор отколку на сите нобеловци за економија од воспоставувањето на таа награда до денес.
Лазар, Пријател на Народот
[1] Сите цитати на Бем-Баверк се од неговото дело
Capital and Interest: A critical History of Economical Theory, Book VI, Chapter III, Marx, 1884.
[2] Маркс, Карл, Фридрих Енгелс, Дела, Том 20. Београд: Просвета, 284.
[3] Маркс, Карл, Фридрих Енгелс, Дела, Том 19. Београд: Просвета, 154.
[4] Маркс, Карл, Фридрих Енгелс, Дела, Том 21. Београд: Просвета, 1977, 674.
[5] Види повеќе во есејот „Отаде мршата на мизесизмот: Одбрана на научниот социјализам“, оддел Рушење на вампирскиот (страшниот) авторитет на Бем-Баверк како побивач на Марксовата теорија на вредност, стр. 17.
[6] Маркс, Карл, Фридрих Енгелс, Дела, Том 26. Београд: Просвета, 1972, 138-9.